(Видео) Прво обраќање на Трамп откако замина од Белата куќа: Нашето движење штотуку започна

пред 4 години

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп вчера во своето прво големо oбраќање по напуштањето на Белата куќа навести можна повторна кандидатура за претседател во 2024 година, го нападна претседателот Џо Бајден и ги повтори своите тврдења дека победил на изборите.

„Нашето движење на горди, вредни, американски патриоти штотуку започнa и ќе победиме на крајот. Сигурно ќе победиме”, рече Трамп во говорот на најголемиот американски годишен собир на конзервативци во Орландо, Флорида. Ова беше негов прв јавен говор на бина откако пред шест недели ја напушти Белата куќа.

Одбивајќи да признае дека ги загубил претседателските избори од 3 ноември минатата година, Трамп ги критикуваше првите недели од мандатот на неговиот демократски наследник Џо Бајден и сугерираше дека е може повторно да се кандидира.

„Џо Бајден го имаше покатастрофален прв месец од кој било претседател во модерната историја“, рече Трамп, обидувајќи се да се позиционира како водечки критичар на новиот претседател, одобено во поглед на имиграцијата и безбедноста на границата меѓу САД и Мексико, како и поради бавното отворање на училиштата затворени во услови на пандемија.

„Веќе ја изгубија Белата куќа“, нагласи Трамп откако ги критикуваше постапките на Бајден.

„Но, кој знае, кој знае, можеби дури и ќе се одлучам да ги победам по трет пат“, рече поранешниот претседател во говорот што започна со задоцнување од повеќе од еден час, во кој меѓу другото рече дека сака да ги спаси културата и идентитетот на Соединетите држави.

Во говорот во Орландо, Трамп ја прогласи Републиканската партија за единствена и обединета и рече дека не се обидува или планира да основа трета партија, идеја за која разговараше со своите советници во последните месеци.

„Ние не започнуваме нова партија. Имаме Републиканска партија. Таа ќе биде обединета и посилна од кога било досега. Нема да основам нова партија”, рече тој.

Во својот говор, тој ги повтори своите неаргументирани тврдења за изборна измама, посочувајќи дека Соединетите држави имаат многу болен и корумпиран изборен процес што мора веднаш да се поправи.

„Овие избори беа наместени“, истакна Трамп, додавајќи дека Врховниот суд и другите судови не сакаат да сторат ништо за да го поправат тоа.

Share
Scroll to Top