(Видео) Тешка несреќа во канадска воена база: има загинати и повредени, голем пожар се прошири надвор од комплексот

(Видео) Тешка несреќа во канадска воена база: има загинати и повредени, голем пожар се прошири надвор од комплексот

пред 3 часа

Повеќе лица загинале, а голем број се повредени во тежок инцидент во канадската воена база Вејнрајт, по кој избувнал голем пожар што се проширил и надвор од воениот комплекс.

Канадскиот министер за одбрана, Дејвид Мекгинти, во саботата вечерта потврди дека има загинати и повредени, но не соопшти колку лица настрадале ниту што точно се случило.

„Жалам што морам да потврдам дека во инцидентот во базата има загинати и повредени“, изјави Мекгинти, оценувајќи дека станува збор за исклучително сериозна и чувствителна ситуација.

Болниците во Едмонтон примаат повредени

Повредените биле пренесени во болници во Едмонтон, откако здравствените капацитети во блискиот Вејнрајт биле преоптоварени.

Лекарот од итната служба во болницата „Ројал Александра“, Ворен Тирск, за канадската телевизија CBC изјавил дека здравствениот систем се соочува со вонредна состојба од размери какви што се случуваат еднаш на 15 до 25 години.

„Ова е катастрофа“, изјавил Тирск, опишувајќи го обемот на пациентите што пристигнувале во болницата.

Се истражува дали имало експлозија

Некои канадски медиуми објавија дека на инцидентот му претходела експлозија, но властите засега не ја потврдиле официјално таа информација.

Кралската канадска коњичка полиција соопштила дека во саботата, нешто по 16 часот по локално време, добила пријава за пожар во дел од базата наменет за воена обука.

Истрагата ја спроведуваат канадската војска и полицијата. Засега не е познато дали сите загинати и повредени се припадници на вооружените сили.

Пожарот се проширил надвор од базата

Големиот пожар зафатил значителна површина и се проширил преку оградата на воениот комплекс. Силниот ветер дополнително ја отежнувал интервенцијата, а во делови од Алберта налетите достигнувале и до 100 километри на час.

Во гаснењето учествувале пожарникари од околните населени места, а помош понудила и соседната покраина Саскачеван.

Засега не е издадена наредба за евакуација на Вејнрајт, град со околу 6.600 жители, кој се наоѓа непосредно до базата. Локалните власти ги повикале граѓаните да го избегнуваат погоденото подрачје и да ги остават патиштата слободни за итните служби.

Важен центар за обука на канадската војска

Воената база Вејнрајт се наоѓа на околу 200 километри од Едмонтон и претставува еден од главните центри за обука на канадските копнени сили. Во неа се организираат воени вежби и подготовки за борбени операции.

Канадскиот премиер Марк Карни изрази сочувство до семејствата на загинатите и соопшти дека федералната влада соработува со властите во Алберта и локалните служби.

Премиерката на Алберта, Даниел Смит, го опиша настанот како голема трагедија што ги погодила припадниците на канадските вооружени сили.

Надлежните најавија дополнителни информации откако ќе бидат утврдени причините за инцидентот и точниот биланс на загинати и повредени.

Текстот (Видео) Тешка несреќа во канадска воена база: има загинати и повредени, голем пожар се прошири надвор од комплексот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top