Научниците од јужниот дел на Бразил објавија дека откриле двајца пациенти заразени со два различни вида коронавирус истовремено.
Тие рекоа дека се многу загрижени и дека нивната студија е прва во светот што потврди ко-инфекција со два вида коронавирус.
Откритието е објавено на медицинската страница „medRxiv“, а студијата допрва треба да помине низ процесот на рецензија и да биде објавена во научно списание, пренесува „Ројтерс“.
Двајцата пациенти се на возраст од околу триесет години и се заразени на крајот на ноември со видот П.2, кој е идентификуван во Рио де Жанеиро, додека биле позитивни на уште една мутација на вирусот.
Тие покажале благи симптоми на болеста, како што се сува кашлица кај еден пациент и кашлица, болки во грлото и главоболка кај друг и за ниеден од нив не било потребно болничко лекување.
Случаите привлекуваат внимание на тоа колку мутации веќе може да има во Бразил и предизвикуваат загриженост кај научниците дека коинфекцијата со различни видови може да го забрза појавувањето на нови мутации, наведува „Ројтерс“.
Тоа би бил уште еден еволутивен пат за вирусот, тврдат научниците.