Во Европската унија од денеска се користат дигиталните ковид-сертификати, кои треба да го олеснет движењето на патниците во границите на Унијата.
Во Брисел наведуваат дека сите земји-членки на ЕУ се технички подготвени да се поврзат со заеднички систем за препознавање на сертификатите и дека сите, освен Ирска, се во состојба да издаваат нови здравствени документи.
Иако регулативата стапи на сила денеска, 21 земја-членка започнаа да издаваат документи уште во јуни, заедно со Норвешка, Лихтенштајн и Исланд, а досега се издадени повеќе од 200 милиони сертификати.
Новите ковид-сертификати се достапни во дигитална или хартиена форма и содржат барем еден од трите типа на информации – за вакцинација против Ковид-19, поседување антитела по закрепнување од болеста и тестирање кое може да биде со антиген или ПЦР тест.
Сертификатите во моментов се издаваат на граѓани на земји-членки на ЕУ, Швајцарија, Лихтенштајн, Исланд и Норвешка, а исто така може да ги добијат и државјани од трети земји кои имаат право да престојуваат или патуваат во ЕУ.
„Европската комисија предложи дигиталните зелени сертификати да се прошират на државјани на трети земји кои живеат или патуваат легално во ЕУ. Со текот на времето, европските зелени сертификати треба да станат интероперабилни со меѓународните стандарди. На среден рок, системот треба да се усогласи, така што сертификатите издадени од трети земји автоматски ќе се прифаќаат во ЕУ“, рече еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс.
Тој нагласува дека сертификати ќе бидат издавани за сите вакцини, без оглед дали се одобрени од Европската агенција за лекови или не, но дека земјите-членки се должни да прифаќаат само вакцини кои се одобрени на ниво на ЕУ, а по слободно убедување да ги прифаќаат останатите вакцини.