Вучиќ гневен поради одлука на „Твитер“: Eдвај чекам да ме укинат како Трамп

пред 3 години

На листата на српски медиуми кои „Твитер“ ги означи како провладини е додаден уште еден јавен медиумски сервис од Србија – Радио телевизија Војводина.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го обвини „Твитер“ за цензура и запраша зошто не е во ред споменатите медиуми да соработуваат со владата.

Српското Министерство за култура, пак, посочи дека е изненадено од постапката на „Твитер“ и наведе дека одлуката е спротивна на принципите и целта на таа мрежа, пишува Н1.

РТВ е единаесеттиот медиум во Србија што „Твитер“ нема да им го препорачува на своите корисници, односно ќе ги предупредува за неговата блискот со Владата.

Ваквите страници се означени како медиуми во кој српската влада ја контролира уредувачката политика преку финансирање, директен или индиректен политички притисок.

Српскиот претседател не гледа што е спорно за „Твитер“.

„Па со кого ќе соработуваат? Тајкуни, криминалци и крадци? Најнормално е тие да соработуваат со владата. Ние како држава на повеќето од тие медиуми не им плаќаме. Платени се ‘Гласот на Америка’, ‘Би -би -си’, а не се ставени на листите за владини медиуми. Ова води кон друго прашање – кој е вистинскиот цензор. Едвај чекам да ме исклучат, да бидам уште еден Трамп во светот“, рече Вучиќ.

Сепак ваквото исклучување на Вучиќ од „Твитер“ досега никој не го најавил, а на тековната одлука на мрежата засега најжестоко реагираше „Информер“ на својата насловна страница. Меѓутоа, пред само шест месеци, главниот и одговорен уредник на „Информер“ го кажа она што сега го наведува и „Твитер“.

„Мојот ‘Информер’ е провладин медиум, по мој избор, не дека некој така ми наредил или платил, туку по мој избор. Па, се разбира дека ќе ја поддржам политиката на оваа влада и оваа држава“, изјави Драган Ј. Вучичевиќ на 13 февруари.

Share
Scroll to Top