Четириесет и шестгодишната македонска државјанка Сашка Стојановска и понатаму е задржана во полициската станица во Улцињ, откако завчера беше уапсена под сомнение дека со автомобил усмртила куче. По објавувањето на снимката од настанот на социјалните мрежи, црногорската полиција соопшти дека таа била приведена при обид да ја напушти државата.
Според полицијата, по пријавата веднаш биле преземени оперативни мерки, по што возилото и возачот биле идентификувани. Стојановска била пронајдена на граничниот премин Сукобин – Муриќани, каде што се обидувала да ја напушти Црна Гора. По налог на Основното државно обвинителство во Улцињ, таа е лишена од слобода поради сомнение за кривичното дело „убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште“.
Случајот го пријавил сопственикот на кучето, кој тврди дека неговото милениче било прегазено на улица од автомобил со скопски регистарски таблички.
Ќерката на Стојановска изнесе поинаква верзија за настанот. Таа тврди дека кучето кое било прегазено, претходно влегло во нивниот апартман, го усмртило нивното куче од расата ши-цу и потоа ги нападнало неа и нејзиниот малолетен брат.
„На видеото се гледа и нашето мало куче, кое беше усмртено од шарпланинец тежок повеќе од 50 килограми. Тој влезе во нашиот апартман и го распарчи нашето куче пред наши очи. Потоа нè нападна и мене и мојот малолетен брат. Шарпланинецот беше удрен за да се оттурне од мене и од нашето куче, кое почина“, изјави Дора Стојановска за Сител.
Таа дополнително тврди дека по инцидентот сопственикот на кучето, заедно со поголема група луѓе, им упатувал закани пред апартманот и дека постапката на нејзината мајка била обид да ги заштити своите деца и миленичето.
Според нејзините информации, Стојановска сè уште се наоѓа во полициска станица, а постои можност да ѝ биде определен притвор.
Надлежните институции во Црна Гора засега не ги потврдија тврдењата изнесени од семејството, а истрагата за случајот продолжува.
Текстот „Го распарчи нашето куче и нè нападна мене и мојот малолетен брат“, вели ќерката на Македонката која усмрти куче во Црна Гора е превземен од МАКФАКС.





