Риболовната екипа која дојде во Нов Зеланд со чартер лет, го донесе коронавирусот со себе, соопштија претставниците на Министерството за здравство на Нов Зеланд.
Тие наведуваат дека 11 лица се позитивни на коронавирус, и дека се очекуваат резултатите за уште 14 лица.
Членовите на тимот биле во карантин во хотел во Крајстчрч откога пристигнале, а за нив било утврдено дека се позитивни за време на рутинското тестирање, објави АП.
Веста би можела да ги разниша напорите на Нов Зеланд за рестартирање на рибарската индустрија, која имаше проблем да најде локални жители да работат на бродовите.
Џереми Хелсон, извршен директор на компанијата „Сифуд“ од Нов Зеланд, изјави дека сите рибари биле тестирани негативно пред да полетаат за Нов Зеланд.
„Додека сè уште го чекаме конечниот број на заразени рибари, фактот дека сите се во карантин покажува дека нашиот систем функционира добро“, рече Хелсон.
Не е познато кои националности се заразени, иако е познато дека одреден број рибари дошле од Русија и од Украина претходните денови.