Грција ги забрани јавните прослави на Божик и Нова Година и нареди носење маски на отворено за да се спречи ширењето на омикрон варијантата на коронавирусот, изјави денеска грчкиот министер за здравство, Танос Плеврис.
Мерките ќе стапат на сила од утре наутро, а граѓаните ќе мора да носат две маски или маски кои обезбедуваат висока заштита во јавниот превоз и во супермаркетите, јавува „Ројтерс“.
Во исто време, странските посетители „силно се охрабруваат“ да направат два ПЦР теста неколку дена по пристигнувањето.
Министерот за здравство рече дека во новата година се очекуваат дополнителни мерки, главно на забавни и спортски настани, за да се избегне ново заклучување.
„Постојано ги следиме случаите за да видиме дали по делта варијантата има ширење на омикрон“, рече Плеврис на прес-конференција.
Грција пријавила само неколку десетици случаи на омикрон од почетокот на месецот.
Грчките власти вчера пријавија 5.641 нова инфекција и 69 смртни случаи, со што вкупниот број на заразени од почетокот на пандемијата се искачи на 1.049.936, а бројот на починати на 20.126.
Со население од 11 милиони луѓе, Грција досега даде повеќе од 7,3 милиони први дози од вакцините, а околу 65,7 отсто од Грците се целосно вакцинирани.