Договорот меѓу Израел и Хамас повторно го привлече вниманието кон децата заложници Кфир и Ариел Бибас

Договорот меѓу Израел и Хамас повторно го привлече вниманието кон децата заложници Кфир и Ариел Бибас

пред 11 часа

За првиот роденден на Кфир Бибас минатата година, поддржувачите ширум светот се собраа со надеж дека тој ќе се врати дома од заробеништво во Газа. Сега, кога Кфир наполни две години, таа надеж може да стане реалност.

Семејството Бибас е едно од најпознатите меѓу заложниците во Газа. Ариел, кој имал четири години во моментот на киднапирањето, и неговиот помлад брат Кфир се единствените преостанати деца во заробеништво, а беа киднапирани во ланскиот напад на Хамас кога загинаа околу 1.200 луѓе, главно цивили.

Набргу по киднапирањето, Хамас тврдеше дека децата биле убиени заедно со нивната мајка. Израелските власти тврдењето го нарекоа „злобно“ и покренаа истрага, но до денес не е потврдено дека биле убиени. Израелските одбранбени сили (ИДФ) подоцна соопштија дека немаат сигурни информации за нивната моментална состојба, пишува „Тајмс оф Израел“.

Израел објви список од 33 заложници кои треба да бидат ослободени

Сега, со новиот договор за прекин на огнот постигнат меѓу Израел и Хамас, семејството Бибас е на списокот на оние што треба да бидат ослободени.

Од браќата Бибас немало никаков знак на живот од денот на нивното киднапирање. Нивната мајка Шири стана едно од лицата на трагедијата кога снимката на која е киднапирана, додека ги носи децата во раце, стана вирална. Нејзината очигледна паника, црвената коса на малото дете и возраста на Кфир ги направија препознатлив симбол на страдањето – Кфир е најмладиот израелски заложник во рацете на Хамас.

Каде е семејството Бибас?

Хамас во ноември 2023 година тврдеше дека се убиени, а потоа објави видео на кое се гледа нивниот татко Џарден, кој бил киднапиран одвоено, а терористите му кажале дека неговата сопруга и децата се мртви. Во февруари 2024 година, ИДФ најде дополнителни снимки од безбедносните камери од Кан Јунис, на кои се гледа како Шири, Кфир и Ариел се одземени.

Нивното семејство, како и семејствата на другите заложници, неуморно се бори за нивно враќање, организирајќи јавни демонстрации и вршејќи притисок врз властите. Таткото на Џарден, Ели Бибас, зборуваше на митинг за поддршка во Тел Авив, велејќи: „Кошмарот во кој живеевме изминатава година мора да заврши“.

Во средата, кога стана јасно дека на повидок е договор, семејството објави соопштение во кое ја замоли јавноста да се воздржи од шпекулации.

„Стекнавме доволно искуство и разочарување, а за нас приказната не е завршена додека нашите најблиски не ја поминат границата“, стои во соопштението.

Според условите на договорот, 33 жени, постари и болни заложници – и доколку се вклучат браќата Бибас, децата – ќе бидат ослободени во почетна фаза од 42 дена. Израелските власти посочија дека повеќето, но не сите, од заложниците се живи.

Доколку дојде до прекин на огнот, Израел и Хамас ќе продолжат со преговорите за преостанатите 65 заложници, вклучително и млади мажи, од кои некои се се уште живи.

Текстот Договорот меѓу Израел и Хамас повторно го привлече вниманието кон децата заложници Кфир и Ариел Бибас е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top