Мирјана Пајковиќ, до неодамна државна секретарка во Министерството за човекови и малцински права на Црна Гора, поднесе оставка откако нејзините интимни снимки беа објавени во јавноста. Пајковиќ тврди дека не станува збор за секс скандал, туку за политичка пресметка и одмазда против моќна личност која ја пријавила за закани, а за сè го обвинува советникот на претседателот на Црна Гора и поранешен шеф на тајната служба, Дејан Вукшиќ.
Во својата исповед за Face.ba, таа опиша низ што поминувала, нагласувајќи дека нејзината безбедност е во опасност и дека се плаши за сопствениот живот.
„Се обидуваат да ме натераат да извршам самоубиство. Тешко ми е. Чувствувам дека моето тело ме издава, но морам да соберам храброст и јавно да зборувам за сè, започна Пајковиќ. Има ноќи кога се плашам да спијам затоа што не знам што ќе донесе новото утро. Ме малтретираат по телефон, ме додаваат во разни групи. Државните органи се немоќни. Некој сака да немам место ниту живот во Црна Гора“, тврди таа.
Пајковиќ истакнува дека ова не е секс скандал за неа, туку опасна порака испратена до секој што се осмелува да им се спротивстави на моќните.
„Вакви работи ми се случуваат по конфликт со највисокиот државен орган, со Вукшиќ. На тие видеа може да се утврди дека само јас сум на нив. Ако другата страна сакаше да биде повредена, ќе се покажеше и главата на човекот. Ова е голем тест за полицијата и обвинителството“, верува таа.
„Вукшиќ ми се закани со прогон и дека цела Црна Гора ќе ги види моите видеа. Мојата единствена среќа е што бев доволно прониклива да го снимам тој разговор. Знаев за каква личност станува збор, ми се закануваше неколку дена претходно. Го снимив за самозаштита. Ако го немав тоа видео, немаше да имам никакви докази за да го спасам мојот живот“, рече таа.
Текстот Државна секретарка од Црна Гора сакала да се самоубие поради секс скандал е превземен од МАКФАКС.






