Европската агенција за лекови (ЕМА) ја одобри третата доза на вакцината „Модерна“ против ковид, за лица над 18 години.
Третата доза од вакцината на американската компанија, најмалку шест месеци по втората доза, доведува до зголемување на нивото на антитела кај возрасните чии нивоа се ослабени, наведува Европската агенција за лекови.
Бустер дозата се состои од половина од редовната доза на Модерна дадена на возрасни.
Европското регулаторно тело изјави дека моментално достапните податоци покажуваат дека зачестеноста на несаканите ефекти е слична на онаа што е забележана по примањето на втората доза на вакцината, пришто било забележано дека предизвикува привремено воспаление на срцето и белите дробови кај мал број луѓе.
„На национално ниво, здравствените власти можат да издаваат официјални препораки за употреба на бустер дози, имајќи ја предвид локалната епидемиолошка ситуација“, соопшти европската агенција.
Претходно овој месец, ЕМА ја одобри и употребата на засилувачки дози на вакцината „Фајзер“.
Таа, исто така, препорача трета доза од вакцината кај луѓе со слаб имунолошки систем.
Бустер дозите на „Фајзер“ и „Модерна“ веќе се одобрени во Соединетите Држави, но сè уште има ограничувања за тоа кој може да ја прими таа доза.
Шест месеци по примањето на втората доза, третата се препорачува за лица над 65 години, ако се во старечки дом или имаат најмалку 50 години и зголемен ризик од тешко заболување поради здравствени проблеми.