Рускиот претседател Владимир Путин и ерменскиот премиер Никол Пашинјан денес разговараа по телефон, во услови на зголемени тензии меѓу Москва и Ереван.
Пред парламентарните избори во Ерменија на 7 јуни, двајцата лидери договорија средба во живо за да се обидат да ги решат постојните несогласувања, пишува агенцијата ДПА.
Путин е особено незадоволен од аспирациите на Ерменија за членство во Европската Унија. Пашинјан, фаворит во предизборните анкети, го отфрла барањето на Москва за распишување референдум на кој граѓаните на Ерменија ќе треба да изберат помеѓу ЕУ и Евроазиската економска унија.
Тој на социјалните мрежи изјави дека пристапувањето кон Европската Унија засега е само теоретска можност и дека Ерменија ќе остане членка на Евроазиската економска унија.
Путин неодамна предупреди дека Пашинјан „не може да седи на две столчиња“ и дека ќе мора да избира помеѓу Исток и Запад.
Долгорочниот пристап на Ерменија кон Европската Унија е насочен кон полноправно членство. Сепак, Русија сè уште ја смета Ерменија за дел од својот економски и безбедносен блок.
Честитајќи му го роденденот на Пашинјан, Путин ги нагласи традиционално пријателските односи меѓу двете земји. Минатата недела, на состанокот во Астана, тој ја предупреди Ерменија да не го следи патот на Украина.
Ерменија, земја без излез на море со околу три милиони жители, одржува блиски врски со Русија. Руски воени бази се наоѓаат на нејзина територија и во голема мера зависи од увозот на руски енергетски производи. Според агенцијата „Интерфакс“, Ерменија минатата година увезла 2,7 милијарди кубни метри гас, од кои 82 проценти доаѓаат од Русија.
Свртување кон Западот
Односите со Москва се затегнати во последните години, бидејќи Ереван се обидува да ги продлабочи врските со Брисел и Вашингтон, како и затоа што Русија не помогна во војната против Азербејџан. Москва неодамна ја обвини Ерменија дека е вовлечена во „антируската орбита“ на ЕУ.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, го посети Ереван минатата недела и потпиша договор за стратешко партнерство со ерменскиот министер за надворешни работи. Ерменија, исто така, го усвои законот со кој се започнува процесот на нејзино пристапување кон ЕУ.
Текстот Ерменија помеѓу Русија и Западот; Путин: „Не го следете украинскиот пат“ е превземен од МАКФАКС.





