Западнонилската треска се шири и во Србија, регистрирани се првите три случаи

Западнонилската треска се шири и во Србија, регистрирани се првите три случаи

пред 2 часа

Во Војводина се регистрирани првите три случаи на западнонилска треска во Србија во оваа сезона, потврди епидемиологот Снежана Медиќ од Институтот за јавно здравје на Војводина.

Според неа, инфекцијата во најголем број случаи поминува без симптоми. Кај околу 80 отсто од заразените, убодот од заразен комарец не предизвикува никакви тегоби.

Кај околу една петтина од заразените може да се појават температура, треска, главоболка, осип и болки во мускулите, а овие симптоми најчесто поминуваат без потреба од посериозно лекување.

Кај мал број заболени, сепак, инфекцијата може да предизвика сериозна клиничка слика. Меѓу симптомите се силна главоболка, повраќање, поспаност, промени во менталната состојба, парализа и епилептични напади, поради што е потребно болничко лекување.

Медиќ објаснува дека природен резервоар на вирусот се птиците, додека комарците се преносители на инфекцијата. Заразените луѓе не го пренесуваат вирусот на луѓето околу нив.

Случаи на западнонилска треска во Србија се регистрираат од 2012 година, со исклучок на 2020 година. Епидемиологот предупредува дека поради глобалното затоплување ваквите инфекции би можеле да се појавуваат секоја година, а сезоната на пренос да трае подолго – од почетокот на летото па и во текот на есента.

Како најважна превентивна мерка се препорачува заштита од убоди од комарци, особено кај постарите лица и хронично болните.

Се советува да се избегнува престој на места со голем број комарци, особено во близина на стоечки води, мочуришта и шуми, како и престој на отворено во периодите на самрак и зори.

За дополнителна заштита се препорачува употреба на средства против комарци на откриените делови од телото, поставување мрежи против комарци на прозорците и редовно празнење на садовите со вода во дворовите, каде што комарците можат да се размножуваат.

Текстот Западнонилската треска се шири и во Србија, регистрирани се првите три случаи е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top