Зеленски: Непријателот е запрен во Суми, борбите продолжуваат на самата граница

Зеленски: Непријателот е запрен во Суми, борбите продолжуваат на самата граница

пред 1 ден

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека руската офанзива во североисточниот дел на земјата е запрена, а украинските сили успеваат да ја стабилизираат ситуацијата во Сумската област, каде што се водат интензивни борби долж самата граница со Русија.

„Ја израмнуваме ситуацијата. Борбите се одвиваат на самата граница. Треба да знаете дека непријателот беше запрен. Максималната длабочина на офанзивата е седум километри од границата“, изјави Зеленски, пренесе неговиот кабинет.

Според украинските власти, Русија распореди околу 53.000 војници во правецот кон Суми, иако главниот фокус на руската армија останува на Доњецката област. Москва најави создавање т.н. „безбедносна зона“ во Сумска и Харковска област, со што дополнително ги засили борбите на североистокот од Украина.

Зеленски истакна дека украинската армија одржува одбранбени линии долж повеќе од 1.000 километри фронт и демантираше дека руските сили влегле во Дњепропетровската област, која се граничи со делумно окупираните територии Доњецк, Херсон и Запорожје.

Во меѓувреме, украинските сили извеле неколку успешни дронски напади, собориле руски авиони и оштетиле стратешки мост што ја поврзува Русија со анектираниот Крим, користејќи подводни експлозиви.

Зеленски повторно призна дека Украина не може целосно да ја врати територијата само со воена сила и повика на построги санкции кон Русија, со цел да се зголеми меѓународниот притисок врз Москва за враќање на преговарачката маса.

Тој потсети дека претходните два круга мировни преговори во Истанбул донесоа ограничен напредок, а засега се спроведуваат само размените на заробеници. Очекувањата се следната размена да се случи до 20 или 21 јуни.

„Договорено е размената да заврши, по што ќе се разговара за следниот чекор“, изјави Зеленски.

Текстот Зеленски: Непријателот е запрен во Суми, борбите продолжуваат на самата граница е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top