Израел ги депортираше шпанскиот државјанин Саиф Абу Кесек и бразилскиот активист Тијаго Авила, откако претходно беа уапсени во меѓународни води на брод кој се движел кон Појасот Газа, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Двајцата биле дел од „Глобалната флотила Сумуд“, која на 12 април испловила од Шпанија со цел да ја пробие израелската блокада и да достави хуманитарна помош во Газа.
Според израелските власти, тие биле приведени на 29 април и пренесени во Израел.
Обвинувања и негирања
Израел тврди дека Абу Кесек е осомничен за поврзаност со терористичка организација, додека Авила е осомничен за нелегални активности.
И двајцата активисти ги негираат обвинувањата, истакнувајќи дека учествувале во хуманитарна мисија за цивилното население во Газа и дека нивното апсење во меѓународни води е незаконско.
Контекст на конфликтот во Газа
Појасот Газа е под управа на палестинската милитантна група Хамас, која е означена како терористичка организација од Израел и дел од западните држави.
Воената ескалација започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, по што следеше војна која предизвика тешка хуманитарна криза во Газа.
Според хуманитарни организации, голем дел од населението во енклавата остана без дом и зависи од помош која, како што се наведува, пристигнува бавно и недоволно.
Текстот Израел депортираше двајца активисти по апсење во меѓународни води е превземен од МАКФАКС.





