Италија ги попушта мерките, планира да има 30 милиони вакцинирани до крајот на мај

пред 4 години

Во Италија, 24 милиони луѓе се вакцинирани против Ковид-19, и за две до три недели веќе нема да биде задолжително да се носи заштитна маска на отворено, како што е случајот сега, објави заменик-министерот за здравство Пјер Паоло Силери за телевизијата РАИ 24.

Од октомври минатата година, Италијанците носат заштитни маски, не само во затворен простор туку и надвор.

Силери рече дека за понатамошно олеснување на мерките против ковид, потребно е да се вакцинира најмалку половина од возрасната популација, што значи 30 милиони луѓе. Тој тврди дека оваа цел ќе биде постигната до крајот на мај.

Заменик-министерот, исто така, најави поместување на полицискиот час на полноќ, наместо во 22 часот, како што е сега, и дозвола за барови и ресторани да примаат гости во затворен простор.

Засега, угостителските објекти можат да послужат само маси што се на отворено, а за да иму помогнат на локалите кои тоа го немаат, властите дозволија да се поставуваат маси на тротоарите и на улиците.

За оваа цел, некои улици се привремено затворени за сообраќај.

Здравствените експерти продолжуваат да предупредуваат дека е потребно да се почитуваат основните мерки за заштита: носење маска, одржување физичка дистанца и лична хигиена.

Сепак, граѓаните освојуваат поголема слобода отколку што е препорачано, пишува „Фанпејџ“ во извештајот за преполни ресторани, преполни барови и толпи луѓе кои се туркаат пред баровите со чаша во рака „без маски и без далечина“.

Со убавото време во многу крајбрежни места е забележана голема навалица на плажите.

Share
Scroll to Top