И покрај ковид-мерките околу 25.000 млади луѓе се собраа на голема забава на отворено во Шпанија

пред 3 години

Околу 25.000 млади луѓе се собраа на голема прослава на отворено за да го означат почетокот на студентската година и покрај забраната за одржување вакви настани, соопшти полицијата.

Снимките на социјалните мрежи покажаа како учесниците танцуваат и пијат алкохол во петокот во просторите помеѓу зградите на кампусот Сиудад Универзитарија во Мадрид, објавија шпанските списанија.

Слична прослава, со 8.000 учесници се одржа во кампусот на автономниот универзитет во Барселона.

Младите со ваков голем собир го прославија почетокот на зимскиот семестар.

Прославите на отворено со многу алкохол, наречени „ботелони“ во Шпанија, се забранети, а пиењето алкохол во јавност може да заврши со парични казни.

Во Шпанија, ноќниот живот се уште е под ограничувања поради пандемијата од Ковид-19.

Мадридската полиција соопшти дека нема доволно членови за да ја растера толпата, така што последните учесници во забавата не го напуштија местото до саботата наутро.

Единаесет тинејџери беа медицински третирани поради труење со алкохол.

„Додека колеџите се обидуваат да воспостават безбедносни мерки за да ја вратат наставата во живо на универзитетите, во исто време се одржуваат масовни забави во паралелен свет“, се пожали професорот Хесус Перез Гил на Твитер.

Ситуацијата со коронавирус во Шпанија сега е релативно стабилна со мал број на нови инфекции, ситуацијата во болниците се смирува а вакцинацијата напредува.

Share
Scroll to Top