Канадскиот национален советодавен одбор за имунизација, кој го надгледува спроведувањето на кампањата за вакцинација против коронавирус, препорача вакцината од „Астразенека“ да се прекине и да не се дава на лица помлади од 55 години и побара нова анализа на ризикот од оваа вакцина заснован врз возраста и полот.
Овој потег доаѓа како резултат на извештаите од Европа за ретки, но сериозни случаи на згрутчување на крвта, крварење и во некои случаи смртни случаи по вакцинирањето, особено кај помладите жени.
Не се пријавени такви случаи во Канада а се користени приближно 307.000 дози од вакцината на „Астразенека“.
„Од она што го знаеме, е дека постои значителна неизвесност во однос на придобивките од користењето на вакцината од „Астразенека“ против коронавирус кај луѓе под 55-годишна возраст“, се вели во писмената препорака на НАЦИ.
Постарите лица се изложени на поголем ризик од хоспитализација и смрт поврзана со болеста од Ковид-19, а компликациите се чини дека се поретки во оваа возрасна група, така што на нив може да им се понуди вакцината но претходно ако добро се информирани и со нивна согласност, велат независните експерти на НАЦИ.
Водени од овие препораки, одборот на водечки здравствени службеници, кој вклучува регионални и федерални претставници, соопшти дека ќе престане да ја користи вакцината на „Астразенека“ за лица под 55 години.
Комитетот додаде дека за одлуката се воделе од фактот дека Канада има и на располагање вакцини од други производители, а повеќето администрирани дози доаѓаат од „Фајзер“ и „Модерна“.
Околу 11,8 проценти од Канаѓаните примиле барем една доза од вакцината.