Ќе го повикаме нашиот амбасадор од Русија на консултации назад во Бугарија. Во дипломатски јазик, тоа значи дека и другата страна треба да го стори истото. Ова го изјави бугарскиот премиер Кирил Петков во Брисел.
Забелешките на Петков се однесуваат на ставот на руската амбасада дека „неприфатливо е функционери, без разлика на нивниот ранг, да критикуваат амбасадор“. Во средата, премиерот рече дека дипломатски одговор ќе следи по изјавата на амбасадорката Елеонора Митрофанова, која рече дека е против антируската политика на владата, пренесе БГНЕС.
„Реакцијата на Митрофанова ја оценувам како недипломатска, остра и груба. Затоа ќе го повикаме нашиот амбасадор од Русија назад на консултации. Сите знаат што значи тоа на дипломатски јазик. Обично, кога една земја ќе го повика својот амбасадор на консултации, другата земја треба да го следи примерот и да го стори истото. Нема бугарски државјанин кој се радува кога странски дипломат ги навредува бугарските граѓани и бугарската влада“, рече Петков и додаде дека владата го осудува однесувањето на рускиот амбасадор.
Беше дециден дека коалицијата е силна и насоката во која се движи државата е вистинската.