Комисијата одговори на тужбата на Европскиот парламент

пред 3 години

Откако Европскиот парламент соопшти дека ја тужел Европската комисија пред Европскиот суд на правдата за, како што се наведува, „неспроведување на механизмот за владеење на правото“, Европската комисија одговара дека „регулативите се веќе на сила“.

„Ја примивме до знаење одлуката на Европскиот парламент во однос на регулативите. Потенцираме дека се веќе на сила: насоките за имплементација се презентани, се почитуваат потенцијалните случаи, а официјални писма ќе бидат испратени до земјите-членки, кои се засегнати кога ќе дојде време“, изјави портпаролот на ЕК, Ерик Мамер.

Европскиот парламент во неколку наврати ја предупреди Европската комисија дека ќе ја тужи пред Европскиот суд на правдата за „недејствување“, односно неспроведување на новиот Механизам со кој издвојувањата од заедничкиот буџет на ЕУ се условени со владеењето на правото на земјите-членки.

Последното предупредување дојде поради Полска, која на почетокот на годината ги усвои измените на законот за правда, кои не се во согласност со законодавството на ЕУ, и изјави дека законите на ЕУ немаат предност пред полските национални закони.

Неделава Европскиот суд на правдата донесе одлука по тужбата на Европската комисија дека Полска мора да и плаќа по еден милион евра дневно на Комисијата додека не ги промени проблематичните закони.

Во исто време, Европската комисија сè уште нема реализирано друга опција да ја казни Полска преку Механизмот.

Според овој механизам, секоја земја-членка за која ќе се утврди дека го прекршува владеењето на правото може да биде казнета со намалување на финансирањето од заедничкиот фонд на ЕУ.

Share
Scroll to Top