Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека Белорусија не претставува воена закана за Украина и му се извини на украинскиот претседател Володимир Зеленски за неговите претходни остри изјави.
Лукашенко во интервју за Ал Арабија рече дека неговите изјави се одговор на она што го опиша како закани од Украина, вклучувајќи ги и тврдењата дека Киев идентификувал стотици потенцијални цели во Белорусија и знае каде се наоѓа тој.
„Можеби некаде претерав, но тоа беше одговор на неговите несоодветни изјави: ‘Имаме 500 цели, знаеме каде е Лукашенко. Утре ќе напаѓаме со ракети и беспилотни летала’. Молчев. Сите беа изненадени што не реагирав“, рече тој.
„Тој многу добро знае дека не треба да се очекува никаква воена акција од Белорусија“
„Разбрав дека човекот е под голем притисок, млад, неискусен и не е воено лице. Можеби нешто не му беше во главата. Молчев. Но, кога почнаа да ми се закануваат, бев принуден да одговорам“, додаде белорускиот претседател.
„Ако г-дин Зеленски бил навреден од тие зборови, му се извинувам. Можеби не требаше да ги кажам, со оглед на тоа што тој сè уште води војна. Можеби не требаше да зборувам толку остро. Но, од друга страна, тој мора да разбере дека, како што често велиме, жнееш што ќе посееш“, забележа тој.
Тој верува дека Зеленски треба да биде повнимателен во своите изјави. „Особено затоа што тој совршено добро знае дека не треба да се очекува никаква воена акција од Белорусија, а особено од мене. Од првите денови на војната, му предлагам начини за преговори и постигнување мир“, тврди тој.
„Не треба да ме провоцира мене или Белорусите“
„Да ме слушаше во 2022 година, денес немаше да разговараме каде да ја запреме војната, на сегашната линија на фронтот или со откажување од дополнителните 13 проценти од Донбас што Русите сè уште не ги окупирале. Но, тогаш не ме послуша“, предупреди тој.
„Треба да се смирите и да ги прифатите работите какви што се. Не треба да ме провоцирате мене или Белорусите. Има многу луѓе во Белорусија кои сакаат мир исто колку што сакаат тој и Украинците“, продолжи тој.
Изјавите на Лукашенко доаѓаат откако Роберт Бровди, командант на украинските сили за беспилотни системи, познат по повикувачкиот знак „Унгарец“, објави дека украинските сили идентификувале 500 можни цели во Белорусија и го предупреди Лукашенко да не се вклучува во војната.
Потоа Лукашенко одговори со закана дека ќе нападне, како што ја опиша, „многу сериозна цел“ во Украина доколку Белорусија биде загрозена.
Текстот Лукашенко: Ако Зеленски се навреди, му се извинувам, можеби претерав е превземен од МАКФАКС.





