Макрон: Дојде време да се обнови дијалогот со Путин

Макрон: Дојде време да се обнови дијалогот со Путин

пред 5 часа

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека дојде време тој и европските лидери повторно да влезат во дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, во контекст на актуелните напори предводени од Соединетите Американски Држави за прекин на војната во Украина, пишува весникот „Фигаро“.

„Мислам дека ќе биде корисно повторно да разговараме со Владимир Путин“, изјави Макрон за новинарите по самитот во Брисел, каде што Европската унија постигна договор за обезбедување 90 милијарди евра за поддршка на Киев.

Макрон изјави дека забележува дека одредени лидери веќе комуницираат со рускиот претседател, особено алудирајќи на, како што рече, американскиот претседател Доналд Трамп, кој повторно воспостави контакт со Путин по враќањето на власт во јануари.

„Мислам дека ние, Европејците и Украинците, имаме интерес да најдеме рамка за правилно повторно ангажирање во оваа дискусија. Во спротивно, ќе разговараме едни со други со преговарачите кои потоа ќе одат и ќе разговараат сами со Русите, што не е идеално“, рече Макрон.

Тој потсети дека претставниците на американскиот претседател во моментов водат одделни разговори со Москва, како и со Украина и европските партнери, во обид да постигнат договор за прекин на војната.

Макрон оцени дека е во тек процес што може да доведе или до силен и траен мир со потребните безбедносни гаранции, или до потреба Европејците, во наредните недели, да најдат начин за повторно воспоставување „целосен дијалог со Русија“.

Како што изјави, таков дијалог би морал да се одвива во јасно дефинирана рамка и со целосна транспарентност.

Францускиот и рускиот претседател последен пат разговараа на почетокот на јули, главно за дипломатски напори поврзани со нуклеарната програма на Иран, кога повторно се манифестираа разлики во ставовите за Украина, според медиумот.

Пред тоа, нивниот претходен разговор беше одржан на 11 септември 2022 година, а беше поврзан со безбедноста на нуклеарната централа Запорожје во Украина, која беше окупирана од руските сили.

Макрон и Путин се сретнаа за прв пат откако Макрон ја презеде функцијата на 29 мај 2017 година, во Версајскиот дворец.

По почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, францускиот претседател продолжи со месеци контакти со Путин, за што беше критикуван јавно, истакнува „Фигаро“.

Подоцна, како што понатаму наведува весникот, тој ја прекина комуникацијата и зазеде поостар став кон рускиот претседател, обвинувајќи го дека лаже за неговите намери и подготвеност за мир.

Фото: депозитфотос

Текстот Макрон: Дојде време да се обнови дијалогот со Путин е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top