Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на населението од Појасот Газа ќе биде привремен, изјави американскиот државен секретар, Марко Рубио.
Неговата изјава следува по сугестијата на Трамп дека САД би можеле да ја преземат Газа и да ги преселат милионите Палестинци што живеат таму. Идејата беше критикувана од Обединетите нации, групите за човекови права и арапските лидери.
Во меѓувреме, израелскиот министер за одбрана Израел Кац рече дека на жителите на Газа треба да им се дозволи да уживаат во слободата на излез и имиграција.
На патувањето во Гватемала, Марко Рубио рече дека предлогот на Трамп не е непријателски, туку дарежлив потег, што ја демонстрира подготвеноста на Соединетите Американски Држави да станат одговорни за реконструкција на областа.
Тој рече дека идејата била жителите на Газа привремено да ја напуштат територијата додека урнатините се отстрануваат и се одвива реконструкцијата.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, во средата за новинарите изјави дека претседателот е посветен на обновата на Газа и привремено преместување на нејзините жители за време на тој процес.
Трамп во вторникот рече дека раселувањето ќе биде трајно. Предложи да ја преземе контролата врз Појасот Газа и да го претвори во блискоисточна ривиера.
„САД ќе го преземат Појасот Газа и ние исто така ќе завршиме работа со него“, рече Трамп во вторникот на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој идејата ја нарече достојна за разгледување.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац исто така го пофали предлогот на Трамп додавајќи дека нажителите на Газа „треба да им се дозволи да уживаат во слободата на излез и имиграција“ по копно, море или воздух.
Тој рече дека земјите, како Шпанија, Ирска и Норвешка, критичари на војната, законски се обврзани да дозволат секој жител на Газа да влезе на нивна територија. Тој не објасни како ќе функционира тој предлог – или дали жителите на Газа ќе може да се вратат по реконструкцијата.
Шпанскиот министер за надворешни работи го отфрли предлогот.
Текстот Марко Рубио за планoт на Трамп: Раселувањето на жителите на Газа би било привремено е превземен од МАКФАКС.






