Ковид 19 донесе нови трендови во трговијата со луѓе затоа што можностите за движење се ограничени, пишува организацијата „ИБША-Биро за борба против трговија со луѓе“.
Превентивните мерки што се на сила, вонредната состојба и слабеењето на економската состојба довеле до зголемен интензитет на врбување на потенцијални жртви, наведува организацијата.
„Како прво, поради специфичната состојба што е присутна на глобално ниво, пазарот станува сè побарувачки. Бројот на деца кои се принудени да работат на улица постојано расте, има случаи на присилни бракови, како и зголемена експлоатација на трудот, се оценува во соопштението на организацијата по повод Европскиот ден против трговија со луѓе.
Трговијата со луѓе како модерна форма на ропство е едно од најтешките злосторства против човештвото и претставува драстично кршење на основните човекови права – правото на живот, слобода на избор, слобода на движење и кршење на основните принципи на меѓународните позитивни правни прописи од областа на човековите права и слободи.
Проценето е дека голем број земји во светот се погодени од овој негативен социјален феномен во кој жртви се во повеќето случаи жени, девојчиња и сè поголем број малолетни лица, кои првенствено се тргуваат заради сексуална експлоатација.
„Во изминатиот период имавме случаи кога родителите ги подведувале своите малолетни деца заради наплата на долгови, за набавка на наркотични средства, алкохол, огревно дрво и слично“, се наведува во соопштението.
„Социјалните мрежи, бројни забавни апликации, форуми, формулари за разговор и бројни виртуелни содржини со отворени можности за преписка и размена на информации, се најчестиот вид на регрутирање на потенцијални жртви, каде што нашите деца се во првите редови“, смета организацијата.
Со одбележувањето на Европскиот ден против трговија со луѓе на 18 октомври, се обрнува внимание на сериозноста на овој социјален проблем и се укажува на важноста и неопходноста од превентивно дејствување, подигање на свеста на целото општество преку функционален систем на меѓусебна соработка и координација на активностите и високо ниво на меѓусебна доверба на органите на власта и невладините институции во борбата против оваа негативна социјална појава.