Обилните снежни врнежи заробија туристи во зимско одморалиште во Пакистан, загинаа најмалку 21 лице

пред 3 години

Најмалку 21 лице загинаа во близина на пакистанско планинско зимско одморалиште откако обилните снежни врнежи заробија илјадници луѓе на патиштата.

„Починаа најмалку 21 лице, вклучувајќи жени и деца“, соопшти спасувачката служба на планината Мури.

Десетици илјади туристи се собраа во Мури, една од најпопуларните планински дестинации северно од главниот град Исламабад, за да уживаат во глетката и снегот што почна да паѓа во вторник навечер.

Според владините проценки, повеќе од 100.000 возила се забележани во областа, а хотелите се преполни. Посетителите без сместување немале друг избор освен да преноќат во своите автомобили.

Социјалните мрежи беа преплавени со снимки од возила заробени во снегот.

Министерот за внатрешни работи шеикот Рашид Ахмед рече дека илјадници возила се’ уште се заглавени на патиштата и властите ги повикале вооружените сили да помогнат во спасувачките операции.

Властите прогласија вонредна состојба и забранија влез на возила и туристи во областа. Локалните жители им носат храна и ќебиња на заробените во возилата.

Министерот за информации Фавад Чаудри ги повика луѓето да не доаѓаат во Мури во следните неколку дена.

Пакистанската метеоролошка агенција најави дека обилните снежни врнежи во областа би можеле да траат до недела навечер.

Share
Scroll to Top