Премиерката Ана Брнабиќ објави дека вакцинираните граѓани на Србија ќе добијат дигитални ковид сертификати.
Брнабиќ истакна дека Србија воспостави одличен ИТ систем од почетокот на процесот, кој овозможува издавање на електронски сертификати што треба да овозможат патување на вакцинираните граѓани.
Брнабиќ пред пратениците порача дека вкупно 2.150.280 граѓани биле вакцинирани во Србија со најмалку една доза, што е над 30 проценти од вкупната возрасна популација.
Втората доза на вакцина, како што додаде, ја примиле 1.462.125 граѓани, што е 25,6 проценти од возрасната популација.
Таа додаде дека Србија наскоро ќе има околу 40% вакцинирани од вкупното население што е како што оцени добро, но истовремено посочи дека има големи разлики меѓу градовите и општините.
Според неа најуспешен во вакцинацијата е Белград, особено централната градска општина, додека најслаба вакцинација има општината Тутин, со само осум проценти од возрасната популација, а потоа следуваат Нови Пазар, Лајковац и други.
Состојбата со епидемијата во Србија е подобра и постабилна, истакана Брнабиќ.
„Бројките паѓаат, а најголемиот дел е благодарение на вакцинацијата, што најдобро се забележува во Белград, каде бројот на пациенти драматично опаѓа. Вакцинацијата функционира“, истакна таа апелирајќи до граѓаните да се вакцинираат.
Потсети дека 98%, или нешто помалку од 5.000 хоспитализирани пациенти со Ковид-19, не биле вакцинирани.
Истовремено потенцираше дека Србија во моментов има вакцини за уште 350.000 граѓани, а од 5 мај тие ќе добијат нова испорака од 104.000 вакцини од компанијата „Фајзер“, а дополнителни количини пристигнуваат и од програмата „Ковакс“.
„Немаме проблем со вакцините, да бидеме одговорни и да се вратиме во нормален живот“, заклучи Брнабиќ.