Во Унгарија утре се одржуваат парламентарни избори на кои актуелниот премиер Виктор Орбан ќе се обиде да го добие четвртиот последователен мандат.
Орбан и неговата партија „Фидес“ на изборите ќе се соочат со здружена опозиција, првпат откако дојде на власт на изборите во 2010 година.
Според последното истражување на јавното мислење, „Фидес“ на Орбан има тенка предност пред опозициската алијанса.
Коалицијата Обединети за Унгарија, која обединува шест опозициски партии со широк политички спектар – од либерали преку центарот до десното крило – ги здружи силите за да го собори десничарскиот „Фидес“, објави АП.
Кандидат на опозицијата за премиер е Петер Марки-Зај, кој во моментов е градоначалник на Ходмезевасархел, град во јужна Унгарија.
Сепак, една граѓанска иницијатива во Унгарија, загрижена за интегритетот на претстојните избори, ангажираше повеќе од 20.000 луѓе да ги пребројат гласачките ливчиња и да го набљудуваат денот на изборите.
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), исто така, соопшти дека ќе испрати мисија за набљудување на изборите во Унгарија, вклучувајќи 18 долгорочни набљудувачи и 200 други на денот на изборите.
Ова е само втор пат ОБСЕ да го прави тоа во една од земјите на Европската унија.