Папата Лав XIV денес упати силен апел за меѓуверски дијалог во Либан, велејќи дека земјата е пример за коегзистенција меѓу различни вери. Либан, опустошен од војна и криза, покажува дека „христијаните, муслиманите, друзите и безброј други можат да живеат заедно и да изградат земја обединета со почит и дијалог“, рече поглаварот на Католичката црква.
„Во време кога коегзистенцијата може да изгледа како далечен сон, народот на Либан стои како моќен потсетник дека стравот, недовербата и предрасудите немаат последен збор и дека единството, помирувањето и мирот се можни“, рече папата. Во овој контекст, Лав XIV ги повика Либанците да водат со пример и да бидат „градители на мирот за да се соочат со нетолеранцијата, да го надминат насилството и да го елиминираат исклучувањето“.
Папата зборуваше заедно со претставници на различни вери на Плоштадот на мачениците во Бејрут. Либан е дом на различни верски заедници, вклучувајќи муслимани, сунити и шиити, христијани и друзи.
Земјата моментално ја доживува најлошата економска криза во својата историја, при што околу 60 проценти од населението живее во сиромаштија. Напнатата безбедносна ситуација по најновата војна меѓу Израел и милитантите на Хезболах, поддржани од Иран, дополнително ги влоши проблемите на граѓаните.
Муслиманските и христијанските верници го пречекаа папата во центарот на Бејрут, во услови на силно безбедносно присуство. „Јас сум муслиман, но папата е за сите луѓе и ние, во оваа земја, сакаме единство и молитва“, рече верникот Сами Кабани.
Текстот Папата Лав пречекан од христијаните и муслиманите во Либан: „Папата е за сите луѓе“ е превземен од МАКФАКС.






