Портпаролот на Владимир Путин, Дмитриј Песков, рече дека „крајот на светот е пред нас“.
Ова предупредување, според „Дејли Меил“, доаѓа во услови на масовни американски и израелски напади врз Иран, кои Кремљ ги нарече „совршена бура“.
Исто така, како што наведува тој британски весник, Русија изгледа беспомошна во контекст на помагањето на својот сојузник, Техеран, освен можеби во обезбедувањето разузнавачки информации за американските и израелските воени позиции.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во неделата, зборувајќи за конфликтите на Блискиот Исток, изјави дека имало полоши работи во човечката историја, „но тогаш не бевме живи, па ни се чини сега дека крајот на светот е пред нас“.
Според него, претседателот на Русија, Владимир Путин, кој ја нападна Украина пред четири години, потсетува „Дејли Меил“, „верува дека сите го изгубивме она што го нарекуваме меѓународно право“.
„Искрено, дури и не разбирам како некој може да ги повикува другите да ги почитуваат нормите и принципите на меѓународното право. Тоа повеќе не постои“, истакна Песков.
„Малку е веројатно дека некој сега може да формулира кој закон го заменил меѓународното право. Никој не може да даде јасна дефиниција“, додаде тој, а потоа продолжи:
„Затоа, Путин е во право. Во контекст на оваа совршена бура што сега започна, мора да се фокусираме на себе, на нашите интереси и на нашиот потенцијал. Тоа што ни недостасува, мора да го надоместиме, внимателно да размислиме и да останеме фокусирани.“
„Дејли меил“ исто така истакнува дека војната на Блискиот Исток предизвика огромен скок на цената на нафтата, бидејќи цената на барел скокна на над 100 долари за прв пат по многу години.
За денес е закажан итен состанок на Г7, каде што ќе се разгледаат опции за „гаснење на економскиот пожар“, вклучително и ослободување на нафтените резерви – кои се одржуваат за кризи како оваа.
Главниот проблем е речиси целосното затворање на Ормутскиот теснец, низ кој минува околу една петтина од светската нафта, што значи дека постои голема неизвесност околу краткорочното снабдување.
Иранската револуционерна гарда се закани дека ќе го „запали“ секој западен танкер што ќе се обиде да помине низ теснецот, а стотици бродови натоварени со нафта, како и течен природен гас, се собраа на двата краја.
Текстот Песков: Крајот на светот е пред нас е превземен од МАКФАКС.






