Пленковиќ: Мировниот план на Трамп не е фер, тој е исклучително лош за Украина

Пленковиќ: Мировниот план на Трамп не е фер, тој е исклучително лош за Украина

пред 3 часа

Мировниот план за војната во Украина, поддржан од Соединетите Американски Држави, е „нефер“ и „екстремно лош“ за Киев бидејќи губи територија, мора да се откаже од членството во НАТО и да ја ограничи својата армија, изјави денес во Дубровник хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

„Мислам дека (планот) е исклучително лош за Украина бидејќи де факто ја губи територијата на три од своите големи региони: Донецк, Луганск и Крим. Сè друго, околу тоа дали мора да се откаже од амбициите за членство во НАТО, ограничувањето на своите сили, (тоа е) цела низа неповолни елементи за Украина“, изјави Пленковиќ за новинарите на маргините на седницата на Советот за управување со развојот на туризмот во Дубровник.

„Таквиот план де факто би ја наградил агресијата“
Американски функционер изјави во четвртокот дека американскиот план за Украина вклучува безбедносни гаранции од Вашингтон и неговите европски сојузници еквивалентни на оние од НАТО во случај на иден напад, потврдувајќи ги претходните извештаи во печатот, според написите во медиумите од регионот.

Според планот, Киев ќе мора да се обврзе дека никогаш нема да се приклучи на НАТО и нема да користи мировни сили, иако планот предвидува стационирање европски борбени авиони во Полска за заштита на земјата.

Сепак, Пленковиќ рече дека секој предлог што води кон мир е добар, но нагласи дека овој „не е фер“ и дека е потребно да се види што мисли Украина за него.

„Не можам да зборувам во име на украинските власти, но имајќи предвид дека Хрватска е земја која беше жртва на големосрпската агресија на Милошевиќ, која привремено окупираше територии што ги врати во својот уставен поредок, таков план, кој де факто би ја наградил агресијата, би бил лош за Украина и интересите на украинскиот народ, немам дилеми за тоа“, нагласи Пленковиќ, пренесуваат хрватските медиуми.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес вети дека нема да ги предаде националните интереси на својата земја.

Во видео изјава, тој ги повика Украинците да останат обединети во она што го опиша како еден од најтешките моменти во историјата на земјата, додавајќи дека очекува поголем политички притисок во текот на следната недела.

Зеленски рече дека ќе предложи „алтернативи“ на американскиот план за прекин на конфликтот со Русија, кој генерално се смета за многу поволен за Москва, ветувајќи дека нема да ги „издаде“ интересите на Украина.

Европските земји вчера се спротивставија на планот, за кој, според изворите, ќе се бара од Киев да се откаже од дел од територијата и делумно да се разоружа, услови што сојузниците на Украина ги сметаат за капитулација.

Фото: принтскрин

Текстот Пленковиќ: Мировниот план на Трамп не е фер, тој е исклучително лош за Украина е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top