Малку американски претседатели стапиле на таа функција со толку многу поминати километри во меѓународни патувања како што е Бајден, пишува порталот „Политико“.
Имено, за време на неговиот мандат како потпретседател на САД, Бајден има преминато над 1,6 милион километри на патувања во 57 земји во светот, наведува бриселскиот портал.
Кога на тоа ќе се додадат и стотиците патувања за време на неговиот мандат како член на Комитетот за надворешни работи на Сенатот од 70-тите години, може да се каже дека Бајден има најпополнети пасоши во споредба со сите останати станари во Белата куќа.
Многу од овие патувања биле во Европа, која отсекогаш имала посебно место во срцето на Бајден.
Затоа, не случајно и неговото прво патување во странство по стапувањето на претседателската функција, е всушност патување на стариот континент, пишува „Политико“.
Според порталот, официјална цел на патувањето на Бајден може да биде да им покаже „малку љубов“ на европските сојузници, по нападите што ги претрпеа од неговиот претходник. Но, Бајден навистина ја сака Европа.
Тој ентузијазам беше опиплив и во текот на претходните години, кога и да ја посетуваше својата прва татковина во Ирска, кога присуствуваше на Конференцијата за безбедност во Минхен или кога ги посети најоддалечените делови на Балканот, односно на сите места на кои повремено се враќаше.
Постојат пет места кои Бајден најмногу ги сака во Европа, а тоа се Ирска, Балканот, седиштето на НАТО, Минхен и Унгарија.
„Политико“ наведува дека многу американски политичари имаат ирско потекло, а таков е случајот и со двајцата родители на Бајден.
Друго европско катче во кое Бајден бил „претплетен“ професионално и политички е поранешна Југославија, регион полн со историски поделби кои, како што наведува „Политико“, не се разликуваат многу од ситуацијата во Ирска.
Порталот наведува дека Бајден никогаш не се откажал од Балканот, враќајќи се на него повторно и повторно, и долго откако повеќето западни политичари го изгубиле интересот.
„Балканот не е споредна стратешка мисија“, им порача тој на колегите од Сенатот по посетата на регионот во 2001 година.
„Југоисточна Европа останува централна за безбедноста на целиот континент, а со тоа и на Соединетите држави“, додаде тогаш Бајден.
Откако стана потпретседател во 2009 година, Бајден повторно го посети регионот. Во 2016 година тој веше на Косово поради отворањето на новиот автопат именуван по неговиот покоен син Боу, кој, пак, своевремено волонтираше во Косово.