Една недела пред состанокот на Европскиот совет на кој ќе се разговара за иднината на Украина, ЕУ е во паника поради односот на Виктор Орбан.
Унгарскиот премиер се противи на одлуката за приклучување на Украина во ЕУ и обезбедување финансиска помош од 50 милијарди евра. Во две писма до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Орбан јасно стави до знаење дека наместо тоа, сака да одржи стратешка дебата за поддршка на Киев.
Иако ова не е првпат Орбан да се заканува дека ќе го искористи правото на вето, тројца високи дипломати признаа дека овој пат е поинаков, пишува „Политико“.
Сега влогот е поголем, роковите се пократки, а на Унгарија и требаат повеќе пари од општиот буџет, кој не и е достапен поради непочитување на владеењето на правото, анализира медиумот. Унгарскиот државен секретар за јавна дипломатија и односи Золтан Ковач неделава ги демантираше овие шпекулации и посочи дека ставот на неговата влада за потребата од ревидирање на долгорочниот буџет на ЕУ не е поврзан со блокираните средства.
Мислењата на дипломатите за Унгарија се поделени: едни сметаат дека Орбан е решен да ја повлече европската помош од Украина, други веруваат дека тој едноставно се обидува да го уценува Брисел.
Меѓу нив е и францускиот претседател Емануел Макрон, кој за време на вечерата ќе се обиде да најде компромис со унгарскиот лидер. Дипломати од други земји најмногу ја поддржаа ваквата иницијатива, но некои критичари потсетија дека претходните преговори на Макрон со Трамп и Путин биле неуспешни.
Според написите, и Шарл Мишел веќе се обиде да постигне договор со Обран во Будимпешта и поради тоа ќе го прекине патувањето во Пекинг за да ги продолжи преговорите.
Медиумот пренесува дека песимистичките чувства се повеќе се шират во ЕУ. Белгискиот претставник Вилем ван де Ворд изјави дека исходот од самитот е непредвидлив. Друг дипломат смета дека без разлика дали на Орбан му требаат пари или тоа го прави од принцип, „факт е дека и помага на Русија“, а Европа не треба да го фаворизира туку да му се спротивстави.
Во коридорите на моќта се разговара за алтернативни планови, како што е испраќање помош за Киев заобиколувајќи го унгарското вето. Дополнително, се предлага да се организира уште еден самит во јануари и да се обиде повторно да го покрене ова прашање, пишува „Политико“.
Текстот „Политико“: Орбан посеа паника во ЕУ е превземен од МАКФАКС.