Според извори, вчерашното неофицијално гласање во Советот за безбедност на ОН покажа дека поранешната потпретседателка на Костарика, Ребека Гринспан, води во трката за избор на десеттиот генерален секретар. Четвртото тајно гласање на Советот, кој брои 15 члена, се одржа по собирот на светските лидери на минатонеделната седница на Генералното собрание.
Првиот и третиот круг на гласање, одржани во јули и септември, исто така покажаа тесно водство на Гринспан, додека амбасадорката на Гвајана во ОН, Керолин Родригез-Биркет, го освои првото место на гласањето во август. Откако поранешната претседателка на Чиле, Мишел Бачелет, се повлече од трката претходно овој месец, во конкуренција за наследник на Антонио Гутереш останаа седум кандидати.
Таа би била првата жена на функцијата генерален секретар.
Поранешниот португалски премиер се повлекува од функцијата на крајот на годината, по два петгодишни мандати. Договорот за кандидатот мора да го постигнат петте постојани членки на Советот за безбедност кои имаат право на вето: САД, Кина, Русија, Франција и Обединетото Кралство. Кога Гутереш беше избран во 2016 година, на Советот му беа потребни шест круга гласање за да постигне консензус.
Советот формално ќе го предложи кандидатот до Генералното собрание, кое брои 193 земји-членки. Се очекува Собранието да го одобри изборот на Советот. Во 80-годишната историја на ОН, никогаш немало жена на функцијата генерален секретар.
Текстот Поранешната потпретседателка на Костарика би можела да стане првата жена што ќе раководи со ОН е превземен од МАКФАКС.





