Документи од Министерството за правда на САД откриваат дека последниот затворски чувар што го видел Џефри Епстин жив правел сомнителни подигнувања на готовина во 12-те месеци пред неговата смрт. Епстин бил пронајден во несвест во својата ќелија во Metropolitan Correctional Center во Њујорк на 10 август 2019 година, а неговата смрт официјално била прогласена за самоубиство, објавува The Telegraph.
Това Ноел, 37, една од двајцата затворски чувари обвинети за фалсификување на записи за посети на затвореници таа ноќ, ја направила последната уплата на готовина од 5.000 долари на својата банкарска сметка на 30 јули, помалку од две недели пред смртта на Епстин.
Нејзината банка пријавила вкупно 12 готовински уплати до ФБИ преку банкомати почнувајќи од октомври 2018 година како дел од „извештај за сомнителна активност“ во ноември 2019 година.
Това Ноел и нејзиниот колега Мајкл Томас беа отпуштени откако беа обвинети за фалсификување на евиденција за да се прикаже дека го проверувале Епстин ноќта пред да изврши самоубиство. Снимките од безбедносните камери покажаа дека не го проверувале цели осум часа, иако неговата ќелија била на помалку од пет метри од бирото на чуварот.
Кривичните обвиненија против нив подоцна беа отфрлени. Банкарските трансакции се меѓу неколкуте нови откритија во досиејата на Епстин што покренуваат прашања за смртта на осудениот педофил.
Исто така, беше откриено дека Ноел пребарувала информации на интернет за сексуалниот престапник само неколку минути пред да биде пронајден мртов. Службеничката пребарувала на Google за „најновите информации за Епстин во затвор“ во 5:42 часот наутро, а потоа повторно во 5:52 часот наутро. Помалку од 40 минути подоцна, во 6:30 часот наутро, нејзиниот колега Томас го пронашол осрамотениот финансиер мртов во неговата ќелија.
ФБИ посебно го истакнало тоа интернет пребарување во својата форензичка анализа од 66 страници на службените компјутери на Ноел и Томас. Тоа било единственото пребарување што било издвоено. Ноел подоцна негираше дека ги барала тие термини за време на сведочењето пред Министерството за правда во 2021 година.
„Не се сеќавам дека го направив тоа“, тврдеше таа, сугерирајќи дека статијата за Епстин можеби автоматски се појавила во нејзиниот прелистувач. Кога ѝ бил прикажан дневникот за пребарување, таа инсистирала дека е неточен. Не била прашана под заклетва за уплатите во готово споменати во извештајот за сомнителна активност.
Текстот Последната затворска службеничка што го видела Епстин жив правела сомнителни плаќања е превземен од МАКФАКС.





