Прекин на огнот меѓу Русија и Украина стапи на сила рано утрово за да се овозможи започнување на хуманитарна операција во градот Олешки во Херсонската област, но нападите продолжија во други области, вклучувајќи го и Киев, каде што беше убиено најмалку едно лице.
Прекинот на огнот треба да овозможи испорака на медицинска помош, лекови, храна и чиста вода до жителите на Олешки, град на линијата на фронтот во јужна Украина.
Украинскиот омбудсман за човекови права Дмитро Лубинец напиша на социјалните мрежи дека денес во три часот по киевско време и четири часот по московско време започна прекинот на огнот во одредени области, како и дека украинската страна ги почитува своите обврски.
Министерството за одбрана на Русија објави дека во 4:00 часот утрово го прекинало огнот во правец на Херсон и вовело „режим на прекин на огнот“ пред планираната хуманитарна операција во Олешки.
Договорот меѓу Москва и Киев за примирјето минатата недела беше посредуван од првата дама на САД, Меланија Трамп, чија канцеларија процени дека меѓу 1.700 и 2.000 луѓе, вклучувајќи околу 50 деца, останале во Олешки, кој имал околу 24.000 жители пред почетокот на руската инвазија.
Текстот Прекин на огнот меѓу Украина и Русија во Херсонската област поради испорака на хуманитарна помош е превземен од МАКФАКС.





