Албанската полиција одговори со солзавец и водени топови на нападот на демонстрантите кои фрлаа камења врз седиштето на опозициската Демократска партија во услови на жестока битка меѓу партиските ривали за власт.
Меѓу демонстрантите се поддржувачи на поранешниот албански претседател и премиер Сали Бериша, кој беше исклучен од партијата минатата година, откако Вашингтон му забрани влез во Соединетите држави поради наводна корупција.
Бериша, кој ги негира злоделата што му се припишуваат, оттогаш со сите сили се бори за водечка улога во партијата, а негов противник е нејзиниот сегашен лидер Лулзим Баша.
Минатиот месец Бериша го свика собранието на партијата и најави дека ќе се кандидира за нејзин лидер.
За време на денешните немири, приврзаниците на Бериша со чекани ги искршиле новопоставените метални безбедносни врати во канцелариите во обид да се искачат на вториот кат.
Локалните медиуми пишуваат дека вработените кои се нашле во зградата се обиделе да ги спречат демонстрантите уште пред доаѓањето на полицијата.
Амбасадорот на САД во Албанија Јуриј Ким рече дека нејзината администрација е длабоко загрижена поради тензиите во Демократската партија.
„Оние кои поттикнуваат насилство или го поткопуваат владеењето на правото ќе одговараат“, напиша Ким на Твитер.