Сирени за воздушен напад попладнево повторно се огласиле во Киев, а од жителите било побарано да одат до најблиските засолништа, соопшти градската управа на главниот град на Украина.
Според украинскиот „Интерфакс“, градската управа известила за воздушна опасност во Киев.
„Прогласена е опасност од воздушна закана во Киев! Ги замолуваме сите жители итно да одат во засолништата за цивилна заштита“, објави градската управа на својата веб-страница.
На социјалните мрежи се шири фотографија од урнат руски хеликоптер, кој паднал за време на борбите за аеродромот Хостомел недалеку од Киев. Би-би-си потврди дека видеото е автентично, иако изворот на фотографијата не е познат.
Командантот на украинската армија, генерал Валериј Жалузни, потврди дека борбата за контрола на аеродромот е во тек, пренесува „Ројтерс“.
Си-ен-ен пак објави дека аеродромот веќе паднал и е под контрола на руските сили.
Украинското Министерство за енергетика соопшти дека денеска имало експлозија во електраната Трипилска, недалеку од Киев.
Електраната продолжува со работа, велат од министерството.