Рускиот претседател, Владимир Путин, повика веднаш да се почнат преговори со НАТО и Соединетите Американски Држави за гаранциите за руската безбедност, поради тензиите околу Украина.
„Владимир Путин ја истакна потребата веднаш да се почнат преговори со САД и НАТО за да се обезбедат правни гаранции за безбедноста на нашата земја и да се спречи идно ширење на Сојузот на исток и распоредување оружени системи во Украина и соседни земји кои би биле закана за Русија“, истакна Кремљ во соопштение објавено по телефонскиот разговор на рускиот претседател со финскиот колега Саули Нинисто.
Рускиот претседател во разговор преку видеолинк на почетокот на декември побара од американскиот претседател Џо Бајден правни гаранции за да се исклучи секакво ново проширување на НАТО, бидејќи Москва оценува дека Западот, отворајќи им ја вратата на воениот пакт на земјите од Источна Европа и поранешниот СССР, го прекрши усното ветување дадено по распадот на Советскиот Сојуз.
Во таа смисла, Русија го смета евентуалното членство на Киев за преминување преку црвена линија.
Западот во моментов стравува дека Русија подготвува инвазија во Украина и трупа сили на заедничката граница.
Кремљ ги отфрла тие обвинувања и тврди дека НАТО ја загрозува Русија вооружувајќи го Киев и распоредувајќи сè повеќе воздухопловни и поморски сили во Црното Море.
Путин воедно повторно ги обвини украинските власти дека го кршат договорот од Минск кој содржи насоки за воспоставување мир на истокот на Украина, во Донбас, каде Киев веќе речиси осум години војува со проруските бунтовници, за кои тврди дека добиваат наредби од Кремљ.
„Рускиот претседател истакна дека украинските власти, кршејќи го договорот од Минск, отворено се закануваат со сила, користејќи во Донбас тешко оружје и напади со беспилотни летала“, истакна Кремљ.