Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, денес соопшти дека не било пукано во британскиот разурнувач во Црното Море и дека руското објаснување за инцидентот е предвидливо неточно, а тој исто така ја повика Кина да ги почитува договорите поврзани со Хонг Конг .
„Не е пукано во британскиот разурнувач „Дефендер“, кој минуваше низ украинските територијални води“, изјави Раб пред новинарите за време на посетата на Сингапур, пренесуваат агенциите.
Тој нагласи дека бродот пловел во согласност со меѓународното право, и дека рускиот извештај за настанот е очекувано неточен.
За време на своето обраќање, Раб зборуваше и за неодамнешните настани поврзани со Хонг Конг и апсењето на новинарите на „Епл Дејли“ според законот за национална безбедност и ја повика Кина да ги почитува своите обврски кон независните медиуми во Хонг Конг, во согласност со договорот кој го има со Велика Британија.
„Ние следиме многу внимателно што се случува во врска со затворањето на „Епл Дејли“ и апсењето на новинари и ја повикуваме Кина да ги почитува договорите што слободно ги прифати и веруваме дека станува збор за доверба и е важно за луѓето од Хонг Конг“, рече Раб.
Властите во Хонг Конг претходно објавија дека полициските активности преземени во „Епл Дејли“ не се насочени кон слободата на печатот, а кинеското Министерство за надворешни работи по повод тоа рече дека правата и слободите не можат да бидат пред националната безбедност.