Европа и медитеранските земји беа погодени од рекордна суша во август, која зафати повеќе од половина од земјиштето, според анализата на АФП на податоците од Европската Унија.
Минатиот месец 53 проценти од регионот беа погодени од суша, рекорд од почетокот на мерењата во 2012 година, според програмата на ЕУ за климатски промени „Коперникус“.
Бројката е далеку над просекот за август во периодот од 2012 до 2024 година, кој изнесува 30,1 проценти.
Источна Европа и Балканот беа силно погодени. Илјадници жители беа евакуирани, а две лица загинаа поради шумски пожари во балканските земји поттикнати од високите температури.
Ситуацијата беше катастрофална и во Западна Европа, при што Португалија забележа намалување на дождовите во 70 проценти од земјата.
Франција, која во август беше погодена од вториот топлотен бран во летото, се соочи со недостиг на вода во две третини од земјата.
Особено тешка ситуација ги зафати неколку земји во Источен Медитеран, каде што над 90 проценти од Ерменија, Грузија и Либан беа погодени од суша.
Турција, која страдаше од недостиг на вода во 84 проценти од својата територија, се соочи и со многубројни пожари.
„Коперникус“, кој собира податоци од милијарди мерења од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици, регистрира неуморно зголемување на температурите додека планетата се затоплува поради емисиите на стакленички гасови за кои е одговорно човештвото.
фото: принтскрин
Текстот Рекордна суша во Европа и во медитеранските земји во август е превземен од МАКФАКС.