Рускиот министер за одбрана доживеа тежок срцев удар, тврди опонент на Путин

пред 3 години

Руско-израелскиот бизнисмен и противник на рускиот претседател, Леонид Невзлин, на „Фејсбук“ објави дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ненадејно доживеал тежок срцев удар.

„Шојгу испадна од игра, може да стане инвалид ако преживее. Одеднаш доживеа тежок срцев удар. Тој е на интензивна нега, приклучен е на апарати“, објави Невзлин на „Фејсбук“.

„Гласините велат дека срцев удар како овој не можел да се случи природно“, тврди Невзлин. Британските таблоиди, кои ја пренесоа оваа информација, наведуваат дека Невзлин тоа го објавил по потонувањето на рускиот команден брод на Црноморската флота.

Во моментот нема независна потврда за оваа информација.

Според „Дејли мејл“, Шојгу е десет години на чело на руската армија и е десна рака на Путин, но во последно време не е виден на редовните состаноци во Кремљ.

На крајот на март се појавија сомневања за тензии меѓу Путин и Шојгу поради бавното напредување на руските сили во Украина, а американското разузнавање сугерираше дека тензиите настанале кога Путин дознал за обемот на руските загуби во Украина.

Шојгу последен пат бил виден вчера за време на видео-конференција на Путин со другите министри, но не зборувал, па „Дејли Мејл“ шпекулира дека Кремљ користел претходни снимки од Шојгу за да остави впечаток дека министерот за одбрана се уште е активно вклучен.

Невзлин, кој тврди дека Шојгу доживеал тежок срцев удар, е поранешен медиумски магнат и нафташ и е еден од руските бизнисмени кои беа принудени да побегнат од Русија кога се најдоа на удар од Кремљ, откако Путин донесе одлука за државно преземање на нафтената компанија „Јукос“.

Share
Scroll to Top