„Русија се соочува со најтешката ситуација во последните три децении поради невидените западни санкции, но обидите на странските земји да ја изолираат од глобалната економија ќе пропаднат“, изјавил рускиот премиер Михаил Мишустин, пренесуваат регионалните медиуми.
„Несомнено можеме да ја наречеме сегашната ситуација најтешка за Русија во последните три децении“, кажал Мишустин во Думата, долниот дом на рускиот парламент. „Ваквите санкции не беа користени ниту во најтемните времиња на Студената војна“, додал тој.
Медиумите анализираат дека западните санкции веќе ја исклучија Русија од глобалната финансиска мрежа и ги лишија нејзините најголеми банки од пристапот до „SWIFT“, глобалниот платен систем, додека некои трговци почнаа да ја отфрлаат руската нафта и да го зголемуваат притисокот врз финансиите на Москва.
Мишустин изјавил дека Русија ќе мора да потроши се што ќе заработи оваа година на државна помош.
„Нашиот финансиски систем, крвта на целата економија, опстана“, рекол Мишустин. „Берзата и рубљата се стабилизираат. Се сомневам дека некоја друга земја би го издржала ова“, додал тој.
Европската комисија во вторникот предложи нови санкции за Русија, вклучително и забрана за увоз на руски јаглен и присуство на руски бродови во пристаништата на ЕУ и додаде дека работи на забрана за увоз на нафта.