САД воведуваат итни мерки поради ширењето на ебола

САД воведуваат итни мерки поради ширењето на ебола

пред 3 часа

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести воведе нови итни мерки поради актуелната епидемија на ебола во Африка и ширењето на опасниот Бундибуџо сој, за кој засега нема одобрена вакцина ниту лек.

Според новата привремена уредба, на лицата со постојан престој во САД ќе им биде забранет влез во земјата до средината на јуни доколку во последните 21 ден престојувале во Демократска Република Конго, Уганда или Јужен Судан.

Претходно оваа недела, американските власти веќе воведоа забрана за влез и за странски државјани кои престојувале во овие земји.

Американските државјани и натаму ќе можат да влезат во САД, но ќе мора да пристигнат преку аеродромот „Вашингтон Далес“, каде се воведени засилени здравствени контроли.

Еден претставник на американската администрација изјавил за американските медиуми дека спроведувањето на мерките ќе биде „исклучително тешко без хаос и конфузија“.

CDC соопшти дека мерката не претставува трајна забрана за влез, туку му овозможува на центарот привремено да го ограничи влезот кога тоа е неопходно поради јавното здравје.

„Њујорк тајмс“ објави и дека американската царинска и гранична служба претходно принудила авион на „Ер Франс“, во кој се наоѓал патник од Конго, да слета во Монтреал наместо во Детроит.

Според проценките на CDC, во текот на актуелната епидемија се регистрирани повеќе од 700 сомнителни случаи и над 150 сомнителни смртни случаи, речиси сите во Конго.

Светската здравствена организација предупреди дека вирусот можеби се ширел со месеци пред да биде откриен, делумно затоа што властите првично не тестирале за Бундибуџо сојот на ебола.

Текстот САД воведуваат итни мерки поради ширењето на ебола е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top