САД и Русија денеска во Женева ќе започнат разговори за растечките тензии околу Украина, при што Москва бара нов сеопфатен безбедносен аранжман со Западот, но се соочува со силен притисок да ги повлече силите.
Преговорите на високо ниво ја отвораат дипломатската недела во која Русија ќе се сретне со НАТО и Организацијата за европска безбедност и соработка, а САД се обидуваат да ги уверат европските сојузници дека тоа нема да биде отфрлени настрана во преговорите.
Русија собра десетици илјади војници на границата со Украина до крајот на минатата година и бара гаранции дека НАТО нема да се шири кон исток или да постави нови бази во поранешниот Советски Сојуз.
САД, кои ќе бидат претставени од заменичката на државниот секретар Венди Шерман, се согласија на разговори, иако јасно ставија до знаење дека многу од предлозите на Москва не се добар почеток за преговори.
Првично беше планирано преговорите да започнат во понеделник, но Шерман ќе се сретне на работна вечера со рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков в недела, изјави портпаролот на Стејт департментот.
Државниот секретар Ентони Блинкен, отфрлајќи ги барањата на Москва како манипулација, инсистираше на тоа дека разговорите нема да донесат никаков напредок сè додека Русија има насочено пиштол во главата на Украина.
„Подготвени сме силно да одговориме на понатамошна руска агресија. Дипломатското решение е сè уште можно и пожелно доколку Русија го избере“, рече Блинкен во петокот.
Рускиот претседател Владимир Путин се состана со американскиот колега Џо Бајден во Женева во јуни и се согласи да се одржуваат редовни разговори за стабилност меѓу Шерман и Рјабков.