Милијардерот Аркадиј Ротенберг, близок до претседателот Владимир Путин, денеска изјави дека тој е сопственикот на палатата на Црното Море за која затворениот опозициски лидер Алексеј Навални тврди дека ја користел рускиот претседател.
„Пред неколку години, успеав да постигнам договор со доверителите и станав корисник на таа зграда“, тврди Аркадиј Ротенберг во соопштение кое го пренесе неговата канцеларија за печат. Тој додава дека има намера зградата да ја претвори во хотел.
„Сè е направено професионално и се надевам дека ќе го завршиме хотелот за неколку години“, вели бизнисменот, кој бил поранешен партнер на Путин за џудо.
Опозицискиот лидер Алексеј Навални го обвини Владимир Путин во филм објавен на „Јутјуб“, а досега прегледан над 100 милиони пати, дека користи огромна и раскошна палата на брегот на Црното Море, чија изградба чинела повеќе од милијарда евра.
Путин ги негираше обвинувањата, за кои тврди дека имаат за цел перење на мозокот на Русите и нивно поттикнување на протести.
Руската државна телевизија објави снимки од зградата на кои се гледа дека и натаму траат работите и дека е далеку од луксузот што го опишува Навални, што пак го наведуваат како доказ за неговите манипулации.
Сојузниците на опозицискиот лидер тврдат дека работата на резиденцијата е во тек поради градежни пропусти и дека Владимир Путин е нејзиниот вистински корисник.