Сè е подготвено за воената вежба „Запад 2025“; Европа ја очекуваат неколку нервозни денови

Сè е подготвено за воената вежба „Запад 2025“; Европа ја очекуваат неколку нервозни денови

пред 3 недели

Соседите на Русија се подготвуваат за неколку нервозни денови, бидејќи Русија и Белорусија ја одржуваат воената вежба „Запад 2025“, прва по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Вежбите, што ќе се одржат од 12 до 16 септември, ќе вклучуваат неколку маневри во близина на Полска и Литванија, бидејќи Кремљ вежба за можен судир со силите на НАТО.

„Мораме сериозно да ги сфатиме вежбите во близина на границите на НАТО и ЕУ. И соседните земји и самото НАТО се однесуваат кон нив со најголема сериозност. Литванија и нашите сојузници се подготвени, обединети и внимателно ќе го следат развојот на настаните, подготвени да одговорат доколку е потребно“, рече заменик-министерот за одбрана на Литванија, Томас Годљаускас.

Членките на НАТО организираат свои вежби
Како одговор на воената вежба „Запад 2025“, земјите од НАТО што се граничат со Русија одржуваат свои воени вежби. Во вежбата „Tarassis 25“ учествуваат 10 северноевропски земји од НАТО, додека Литванија ќе одржи своја национална одбранбена вежба „Thunder Strike“.

Полска оваа недела ја одржува својата вежба „Iron Defender-25“, во која учествуваат 30.000 војници. „Полска соодветно ќе одговори на вежбите „Запад 2025“, изјави заменик-министерот за одбрана Чезари Томчик за полската телевизија RMF.

Русија ги одржува вежбите „Запад“ на секои четири години од 1999 година, а загриженоста за нив стана традиција. Иако формално дефанзивна, вежбата од 2009 година симулираше нуклеарен напад врз Варшава, а вежбата од 2021 година доведе до масовно зголемување на силите во Белорусија кои беа искористени месеци подоцна за напад врз Украина, објавува Политико.

„Поради растечката загриженост дека Русија би можела да нападне членка на НАТО, веројатно во Балтикот, НАТО многу внимателно следи дали воената вежба му дава на Западот некаква индикација за идна руска офанзива“, забележа Томас Јанелиунас, професор на Институтот за меѓународни односи и политички науки на Универзитетот во Вилнус.

Белорусија покани набљудувачи од НАТО и ОБСЕ
Западните набљудувачи ќе ги користат вежбите за да ја проценат подготвеноста на руската војска три години откако таа ја нападна Украина. „НАТО многу внимателно ги следи руските воени активности. Не гледаме никаква непосредна воена закана против кој било сојузник на НАТО. Сепак, остануваме будни“, соопшти воениот сојуз.

Организаторите на „Запад“, тврдат дека нивните вежби нема да надминат 13.000 луѓе, а Белорусија соопшти дека поканила набљудувачи од земјите на НАТО, како и од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

„Русија, исто така, спроведува три одделни вежби со земјите од Организацијата на договорот за колективна безбедност, прикривајќи ја вистинската големина на вежбите. Се очекува сценаријата на овие вежби да укажуваат на видот на војување за кое Русија се подготвува против Западот“, објави Германскиот совет за надворешни односи.

Помалку војници отколку пред четири години
Вежбата „Запад“ ќе ги опфати руските воени области Москва и Ленинград, енклавата Калининград, арктичкиот регион, Балтичкото и Баренцовото Море и Белорусија.

Некои вежби, во близина на белоруското село Гожа и во Доброволск во Калининград, ќе се одржат само неколку десетици километри од Полска и Литванија. Војници ќе бидат распоредени и од двете страни на превојот Сували, коридор од 70 километри помеѓу Белорусија и Калининград, кој се смета за еден од најранливите одбранбени тесни грла во Европа.

Литванското воено разузнавање очекува до 30.000 војници да учествуваат во вежбата „Запад“, многу помалку отколку во 2021 година, кога учествуваа околу 200.000 војници. „Ова е далеку од она што би му било потребно на Русија за да нападне членка на НАТО, особено затоа што војната во Украина сè уште трае“, тврди Јанелиунас.

фото: принтскрин

Текстот Сè е подготвено за воената вежба „Запад 2025“; Европа ја очекуваат неколку нервозни денови е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top