Тимот на Светската здравствена организација (СЗО), кој го истражува потеклото на пандемијата на Ковид-19 во Кина, денес го посети Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) во централниот кинески регион Хубеи, каде што вирусот беше прв пат потврден во 2019 година.
Група независни експерти поминаа околу пет часа во својата најдолга посета од почетокот на работата на терен, откако во четвртокот им заврши двонеделниот карантин и не разговараа со новинарите, пренесува „Ројтерс“.
Денес, тимот на СЗО го посети Центарот за контрола на болести на провинцијата Хубеи, а според членот на тимот Петер Дашка, состанокот бил „добар и важен“. Други детали не беа дадени.
Целосен план за посети за време на теренската работа на експертите не беше објавен, а СЗО најави дека членовите на тимот ќе бидат ограничени на посети организирани од нивните кинески домаќини и нема да имаат контакти со локалната заедница поради ризик од ширење на вирусот.
Тимот на СЗО досега ги посети болниците каде што беа третирани првите случаи на Ковид-19, пазарите од кои се сомнева дека потекнува вирусот и изложба за борба против избувнувањето на пандемијата во Вухан, главниот град на провинцијата Хубеи, наведува агенцијата.