За време на средбата меѓу американскиот и кинескиот претседател Доналд Трамп и Шји Џјинпинг во Белата куќа, темите на разговор беа трговијата и вештачката интелигенција, како и растечкото стратешко соперништво меѓу двете земји.
Трамп избегна прашања за политички дискусии, за време на разговорот со новинарите по средбата со Џјинпинг, додека кинескиот претседател ги замоли Соединетите Американски Држави да бидат „претпазливи“ во врска со Тајван, објавија денес американските и кинеските медиуми.
Како што се очекуваше, Џјинпинг го покрена прашањето за Тајван пред Трамп, наведувајќи дека Кина се надева дека САД „ќе го решат прашањето за Тајван со претпазливост“, според кинеската државна агенција.
Белата куќа не објави веднаш извештај за тој разговор, но американските претставници долго време избегнуваа експлицитно да изразат противење на независноста на Тајван, а секоја промена на ставот би покренала прашања за решеноста на Вашингтон да го брани островот и да предизвика отпор во Конгресот, објавува Ројтерс.
За време на средбата со Трамп, Џјинпинг повторно се осврна на „Тукидидовата стапица“, што е термин што ја опишува опасноста од избувнување војна кога нова растечка сила почнува да ја загрозува позицијата на претходно владејачката, доминантна сила.
Иако кинескиот лидер рече дека овој ризик „може да се надмине“, неговото споменување на теоријата нагласи дека загриженоста за потенцијален воен конфликт меѓу САД и Кина продолжува да фрла сенка врз односите меѓу двете најголеми сили во светот, пишува медиумот.
Џјинпинг истакна дека двете земји ќе имаат корист од соработката, а штета од конфронтацијата, и повика на редовен воен дијалог и посилни механизми за спречување на кризи, додека Трамп се осврна на заедничката историја на двете земји, со цел да го нагласи потенцијалот за соработка.
Двајцата лидери изразија различни ставови за вештачката интелигенција, при што Трамп рече дека вештачката интелигенција (ВИ) треба да се нарекува супер-интелигенција (ВИ), во објава на социјалните мрежи изјави дека сака „да ја остави точно таму каде што е“ и да се потпре на Министерството за правда на САД, наместо да воведува какви било нови регулаторни рамки.
Џјинпинг рече дека Кина и САД, како водечки нации во областа на вештачката интелигенција, мора да управуваат со нејзиниот развој и „да обезбедат нејзиниот развој секогаш да биде под човечка контрола и да служи за благосостојба на луѓето“.
Трамп му го покажа на Џјинпинг претседателскиот хеликоптер „Марин 1“ и неодамна реновираниот Јужен тревник на Белата куќа, на кој имаше голем хелиодром со претседателскиот грб.
Претседателот на САД, му подари на кинескиот претседателскулптура на белоглав орел и го покани да го разгледа градилиштето во балската сала на Белата куќа, за време на здравицата на официјалната вечера синоќа.
„Белоглавиот орел е национален симбол на Соединетите Американски Држави и олицетворение на слободниот и возвишен дух на Америка. И се надеваме дека ќе најде убаво место, прекрасно место, во Пекинг“, рече Трамп во таа пригода, според Њујорк пост.
Трамп рече дека подарокот е направен од „извонреден американски уметник“ и дека е дизајниран „во лична соработка“ со него и неговата сопруга, Меланија.
Непосредно пред да го открие својот подарок на Џјинпинг, Трамп ги покани гостите на вечерата да се прошетаат низ огромната нова балска сала на Белата куќа, која сè уште е во изградба.
„Како посебен подарок во чест на претседателот Шји и г-ѓа Пенг, би сакал да ги поканам сите присутни во просторијата да ја посетат. Сè е осветлено и изгледа прекрасно. Вие ќе бидете првите луѓе што ќе стапнат во неа“, рече Трамп.
Кинескиот претседател не даде подарок за возврат за време на неговата здравица, пишува Њујорк Тајмс.
Сепак, претходно во текот на денот, Шји објави дека Кина ќе испрати две панди во зоолошката градина во Атланта како „амбасадори на пријателството“.
Пандите долго време служеле како дипломатски претставници на Кина.
Белата куќа објави на социјалните мрежи видео во кое Трамп го води Шји низ Белата куќа, а потоа застанува на таканаречената „Претседателска патека на славните“, каде што има портрети и плочи посветени на американските претседатели, објавува South China Morning Post (SCMP).
Текстот Трамп му подари на кинескиот лидер белоглав орел е превземен од МАКФАКС.





