Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел и Либан постигнале договор за десетдневно примирје кое ќе стапи на сила вечерва.
Трамп потврди дека имал „одлични разговори“ со либанскиот претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека ова е десеттата војна што ја решава.
Во првиот разговор меѓу двајцата лидери откако Аун ја презеде функцијата, либанскиот претседател му се заблагодари на Трамп за неговите напори за постигнување мир и ја изрази својата желба за итно прекинување на непријателствата. Трамп ја повтори својата поддршка за Либан и својата посветеност на постигнување траен мир и стабилност, пренесуваат светските медиуми.
„Тукушто имав одлични разговори со почитуваниот либански претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Биби Нетанјаху. Двајцата лидери се согласија официјално да започнат 10-дневен прекин на огнот за да се постигне мир меѓу нивните земји“, напиша Тармп, според светските медиуми.
Објавата, според написите, дојде откако претставниците на Израел и Либан се сретнаа во Вашингтон во вторникот, нивната прва официјална средба по 34 години. Домаќин на состанокот беше американскиот државен секретар Марко Рубио.
Претседателот на САД истакна дека ги задолжил највисоките американски претставници на понатамошна работа за постигнување траен мир. „Им наложив на потпретседателот Џ.Д. Венс и државниот секретар Рубио, заедно со началникот на Здружениот генералштаб Ден „Разин“ Кејн, да работат со Израел и Либан за да се постигне траен мир“, рече тој.
Тој ја заврши својата објава со оптимистички тон. „Имав чест да решам девет војни низ целиот свет, а ова ќе биде мојата десетта. Затоа, да го направиме тоа!“
Текстот Трамп објави десетдневно примирје меѓу Израел и Либан е превземен од МАКФАКС.





