Американскиот претседател Доналд Трамп повторно јавно го нападна Илон Маск, тврдејќи дека без владини субвенции, шефот на „Тесла“, „Спејс Екс“ и „Икс“ „ќе мора да затвори сè и да се врати во Јужна Африка“.
Во објава на „Трут Сошнал“, Трамп се осврна на претходната силна поддршка на Маск за неговата претседателска кандидатура, истакнувајќи дека претприемачот цело време знаел дека Трамп е против законски мандат за преминување на електрични возила.
„Илон Маск знаеше, долго пред силно да ме поддржи за претседател, дека јас бев жестоко против задолжителните електрични возила. Тоа е смешно и отсекогаш било клучен дел од мојата кампања. Електричните автомобили се во ред, но никој не треба да биде принуден да вози“, напиша Трамп.
Во истиот текст, Трамп отворено ја доведе во прашање легитимноста на деловните успеси на Маск:
„Илон можеби добива повеќе субвенции од која било личност во историјата – убедливо најмногу. Без тие субвенции, Илон веројатно ќе мораше да затвори сè и да се врати дома во Јужна Африка. Немаше повеќе да има лансирања на ракети, немаше повеќе сателити, немаше повеќе производство на електрични автомобили, а нашата земја ЌЕ ЗАШТЕДИ БОГАТСТВО.“
Трамп конечно додаде: „Можеби DOGE треба внимателно да ја разгледа оваа приказна? ОГРОМНИ ПАРИ ЗА ЗАШТЕДА ТУКА!“
Соопштението доаѓа само неколку часа откако Маск на платформата Икс објави можно формирање на нова политичка партија – „Американска партија“ – ако законот за трошење на Трамп биде усвоен во Сенатот.
Текстот Трамп остро му одговори на Маск: Без субвенции, би се вратил дома, во Јужна Африка е превземен од МАКФАКС.